Љутков: Мерко незаконски издал одобрение за градба
Градоначалникот на Струга незаконски издал одобрение за градба, кое веднаш по уривањето на Спомен куќата на Владо Малески, самиот го поништил. Ова го соопшти министерот Љутков, при денешниот увид на терен. Според него, проектот за кој позитивно мислење издала Управата за заштита на културното наследство бил приземје и еден кат, а општината издала одобрение за објект со дополнителни подрумски простории.
Копајќи ги подрумите, со багер градежникот ги поткопал темелите на Старата струшка куќа и предизвикал уривање на ѕидот и покривот.


– Најодговорно тврдам, а и со мене се експерти и луѓе кои можат да го потврдат дека сите дозволи за оваа куќа и за рушење на тој објект, се издадени во последните 7 години, кога овде на власт се социјалдемократскиот сојуз и ДУИ, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Заменик министерот за правда повика на одговорност, на сите инволвирани во случајот каде покрај бесправно градење, има и уништување на недвижен имот прогласен за културно наследство, за што е предвидена казна затвор од 3 до 10 години.
– Во решението за поништување на одобрењето за градење, има констатирано дека решението кој што го издал во месец, колку што се сеќавам, ноември 24-та година, е издадено спротивно на закон и спротивно на проектите кои што се доставени до органите за култура, врз основа на кои требало да се издаде тоа одобрение, вели заменик министерот за правда Ален Деребан.

Министерот најави итна изработка на проект за реконструкција и обнова на Спомен куќата на Владо Малески, која се смета за ремек дело на старата струшка архитектура од 19 век.

Соња Рилковска