Skip to main content

Велковска: Mерко е непогоден за градоначалник на Струга како заштитено подрачје

Mерко е непогоден за функцијата градоначалник на Струга како заштитено подрачје, обвинуваат еколозите,  кои бараат казна за струшкиот градоначалник, бидејќи вчера со скандалозна изјава за медиумите најави дека нема да ги урива дивоградбите.

 |  Соња Рилковска  | 



Скандалозната изјава на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, дека нема да урива дивоградби на брегот на Охридското езеро, ги разлути еколозите. Тие експлицитно  го обвинија Мерко за насилничко  урбанизирање на градот со висококатници.
Во Струга  не важат законите и не се почитува мораториумот. Градоначалникот ги гледа само своите биснис интереси, затоа  власта треба да го санкционира, апелираат еколозите.
-„Мерко со насилство, со уцени и притисоци кој потекнува од неговата функција успева да му наштети на регионот а потоа да се преправа дека за тоа го поддржуваат луѓето во градот. Но ако ги погледнете граѓанските асоцијации кои функционираат на тоа подрачје се противат на се тоа што се прави“, вели Драгана Велковска од Охрид ЅОЅ.
Мерко вчера рече  нема да урива, напротив ќе доградува за да го разубавувал градот.
„Ние сакаме да градиме не да рушиме. Ние ќе им кажеме да доградиме не да рушат. А владата ќе регира како ние  ќе кажеме ние сме локална власт“,  изјави Рамиз Мерко.
„Градоначалникот Мерко е неподобен да ја извршува функцијата  градоначалник на град кој се наоѓа во заштитено подрачје бидејќи од неговите изјави  сите наназад јасно се гледа дека тој воопшто не знае кои му се обврските за управување со дел кој е заштитено културно и природно светско наследство“, додаде Драгана Велковска од Охрид ЅОЅ.
 Инаку до крајот на овој месец се очекува  извештајот од реактивната комисија на Унеско која во февруари изврши увид во однос на спроведувањето на препораките.