Skip to main content

Блокада на патот струга дебар

Масовни протести во Лабуништа

Лабуништани денеска на масовни протести, го блокираа патот Струга-Дебар. Повторно го кренаа гласот против каменоломите во селото, кои од септември ја активираа механизацијата. Револтираните жители тврдат дека една третина од населението во Лабуништа има респираторни заболувања поради штетните честички и правот кој го вдишуваат.
 |  инфодеск  | 
Багер на каменолом во Лабуништа

Лабуништани повторно на масовни протести. Со блокада на патот Струга-Дебар го изразија својот револт поради работата на каменоломите. Велат, според податоците на Здравствениот дом една третина од населението во Лабуништа има респираторни заболувања поради штетните честички и правот кој го вдишуваат.

Анализите покажуваат и големо загадување на плодното земјиште. Мештаните, бараат каменоломите итно да прекинат со работа, во спротивно најавуваат порадикални протести и бојкот на настава.

Во случај Владата да нема слух за нашите граѓани и покрај сите наши докази се уште ќе ги брани две фирми, две особи да се обогатуваат на сметка на здравјето на овие граѓани ќе имаме по радикални мерки и нема да застанеме тука, бидејќи имаме дојава од родителите дека нема да ги пуштаат своите деца во второ полугодие затоа што се исплашени за нивното здравје – вели Алија Ќазими, правник во Здружението на граѓани „Натура Лаб“.

Каменолом Лабуништа

Мештаните обвинуваат дека концесионерите не го почитуваат законот, не плаќаат даноци и незаконски го прошириле опфатот за ископи, веднаш до куќите во селото.

Еден од концесионерите е голем даночен должник со неплатен данок од 35 милиони денари. Ова се официјални докази објавени на страната на УЈП. Другиот концесионер и покрај тоа што концесијата изнесува 77 илјади метри квадратни излезе на надвор од границите на концесијата што според законот е основ за одземање на концесијата – изјави Јасмин Ќазимоски од месната заедница на Лабуништа.

Речиси дваесет години жителите на Лабуништа бараат затворање на каменоломите.

Министерството за економија во 2020 година им ги одзеде концесиите и им забрани работа, но во септември годинава повторно проработија, поради тоа што оваа одлука падна на Управен суд.

Новинар : Соња Рилковска