Skip to main content

Четврта по ред меѓународна еко-акција за чистење на Охридското Езеро: „Нов живот за езерото“

Преку заедничка работа и личен пример, учесниците ќе испратат силна порака дека заштитата на природата не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност на сите нас.
 |  инфодеск  | 

На 31 мај 2026 година (недела) ќе се одржи голема меѓународна еколошка акција за чистење со цел зачувување на природните вредности на Охридското Езеро и подигнување на јавната свест за важноста од грижата и заштитата на животната средина.

Во оваа значајна иницијатива ќе учествуваат нуркачки клубови и учесници од Македонија, како и гости од Србија и Хрватска, заедно со волонтери, граѓани, еколошки активисти и љубители на природата, кои преку конкретна акција ќе дадат свој придонес кон зачувување на едно од најголемите природни богатства во регионот.

Акцијата ќе се одржи на плажата кај хотел „Бисер“ во Калишта, Струга со почеток во 10:00 часот

Организатори на настанот се Нуркачкиот клуб за подводни активности „Езерски Пулс“ и Нуркачкиот клуб „Скаут“ – Струга, кои и оваа година продолжуваат со својата мисија за заштита на природата и подигнување на еколошката свест.

Организаторите упатуваат отворен повик до сите заинтересирани граѓани, нуркачи, спортски клубови, млади, волонтери и сите луѓе со добра волја да се приклучат и да станат дел од оваа позитивна приказна.

Заедно создаваме почисто Охридско Езеро – затоа што природата што ја наследуваме денес, ја оставаме на генерациите утре, порачуваат организаторите.

Screenshot