Мерко го прекина молкот, ќе соработувал со истражните органи
Една недела откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко беше ставен на „црната листа“ на САД, денеска на Фејсбук профилот на Општина Струга објави дека ќе ја предаде секоја потребна документација што истражните органи ќе ја побараат од него и од Општина Струга.
„По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции.“ – напиша Мерко.
Притоа, како што вели, во интерес на процесот, решил да ја замрзне секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите.
„Од Претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга.“ – додава градоначалникот Мерко притоа објавувајќи на постот фотографии со американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.
На крајот, му се заблагодарува на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и изминативе денови. „За кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на Стружани и за Струга што ја сакаме“, порачува Мерко во објавата.