Младинскиот центар од Струга од денес под општинска капа
Од денес УНИЦЕФ и Цивилниот мировен сервис од Германија и официјално ги предадоа одговорностите на општина Струга.
По две и пол години активно функционирање под капата на УНИЦЕФ и Цивилниот мировен сервис од Германија, Младинскиот центар од Струга, од денес доби самостојност. Барем до 2015 година, за работењето на центарот ќе се грижи општина Струга. Младинскиот центар, во изминативе две и пол години работеше на унапредување на меѓуетничките односи во мултиетничка Струга.
„Јас сум многу благодарен што градоначалникот Мерко се согласи да ги покрива трошоците на Центарот до 2015 година. Тоа е многу важно, тоа е одговорност на сите лидери, да направат се што можат за заедниците да се приближат едни до други. Ова е почеток, ова помага, ова е една од најзначајните одговорности и оди дури и до наставниците и директорите на школите, да направат се што можат за да се осигураат дека учениците ги имаат вештините кои се потребни за да комуницираат со луѓе кои не се дел од нивната непосредна средина.“-вели Шелдон Јет, амбасадор на УНИЦЕФ во Македонија.
Резултатите кои ги постигна Младинскиот центар ги убедија луѓето од Цивилниот мировен сервис дека се оди во правецот кој тие го зацртале како спроведувачи на проектот.
„Многу сме задоволни што општина Струга ја презема одговорноста и се надевам дека работата ќе продолжи и сигурни сме дека Младинскиот центар ќе продолжи да работи во зголемувањето на меѓуетничкото разбирање.“-рече проект менаџерот, Кирстен Шоенефелд.
А кој подобро ги согледува постигнатите резултати, од младите кои непосредно учеа едни од други за тоа што значи меѓуетничко разбирање.
„Активно учествувам во Младинскиот центар веќе две години. Младинскиот центар ми помогна околу моето образование, и да научам нешто повеќе за другите етнички култури и се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму.“
„Бев дел од разни активности, пред се во интернет-радиото кое е во склоп на Младинскиот центар, а бев дел и од многу други активности, спорт, танцување.“-велат дел од нив.
Градоначалникот Мерко пак, во идниот период ќе биде татко на Младинскиот центар и ќе се грижи за неговото функционирање.
„Сигурно дека ние треба и понатака да се развиваме, да се дружиме, да соработуваме и сигурно дека и оваа денешна помош е добредојдена во интерес на меѓуетничката соработка на младите во општина Струга за кои сите посакуваме се најдобро.“-изјави градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Претставниците од Младинскиот центар благодарни на досегашната помош од УНИЦЕФ и Цивилниот мировен сервис, но сега очите ги вртат кон општината.
„Од страна на човечките ресурси и подршката од странските организации ги имаме доволно, сепак општината е таа која треба да не подржи за да може понатаму да работиме и функционираме.“-вели координаторот на проектот Славица Јовческа.
Инаку во рамките на Младинскиот центар од Струга, во изминативе две и пол години повеќе од 2000 деца и млади имаа свој допринос во развивањето на меѓуетничките односи преку драма, уметност, танц. Да се надеваме дека нивната работа и натаму ќе продолжи во исто темпо.
{loadposition content9}