МНР апелира на воздржаност од квалификации за нападот врз Б.К од Лабуниште
Во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Северна Македонија, Б.К. од Лабуниште, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот. Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител.
СВР Охрид вчера информира дека на 13-ти јуни 2023 година, во 12:15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К.од селото Лабуништа.
Медумите објавија дека нападнатото лице е Бекир Кадриески, Претседател на Здружението на Бугарите во Македонија „Шемето“.
„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница. Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива“, велат од МНР.