МПЦ слави јубилеј 50 години од одржувањето на Вториот архиепископски црковно-народен собор
Со поздравен говор на поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, денеска во манастирискиот комплекс Калишта, се одбежа јубилејот -50 години од одржувањето на Вториот архиепископски црковно-народен собор.
„Овој црковен јубилеен Собор ни порачува, по петдецениско самостојно делување на нашата Света црква да размислуваме за нејзиниот раст, за нејзината зрелост, за сето она што она што го направивме како нејзини чеда, како и за она што не го направивме“, рече архиепископот Стефан. Архиепископот Стефан потенцира дека на внатрешен план МПЦ има постигнато видни резултати, но за жал иста не е состојбата на надворешен план.
Она од што најмалку треба да бидеме задоволни, иако не по наша винa,сеуште нерешениот стасус на нашата света Црква, истакна архиепископот.
„Правиме напори обидувајќи се на сите можни начини да го актуелизираме нашето прашање и пред Вселенската патријаршија и пред другите православни цркви. Нашево неприфаќање не е од канонски и други црковни пречки. Повеќе од јасно е дека македонското државно прашање, особено прашањето со името е најголемата пречка и за признавањето од Цариградската патријаршија. Наше е и понатаму да продолжиме да ја чуваме верата, да ја чуваме црквата„ нагласи архиепископот Стефан.
На свеченото отворање шеесетината соборјани од сите епархии на МПЦ, ги поздрави и претседателот на Собранието, Трајко Велјановски. Тој укажа на притисоците врз МПЦ и воопшто врз целиот македонски народ и идентитет , уште од осамостојувањето на Република Македонија. Претседателот на собранието потсети дека во моментов се води битка за зачувување на нашиот идентитет.
„Канонското право и пред 50 години, но и денес е на страна на МПЦ. Принципите на меѓународното право исто така се на наша страна, кога станува збор за нашето име. Верувам дека заедно како држава и како црква ќе истраеме во нашата заедничка определба, да го зачуваме нашиот национален идентитет, нашата држава Репиблика Македонија и да ја зачуваме нашата МПЦ“ – истакна Трајко Вељановски.Учесниците на соборот ги поздравија и претставниците на ИВЗ и Католичката црква во Македонија, како и на Комисијата за верски прашања. Црковно народниот собор попладнево зад затворени врати ќе одржи работен состанок.
Во Свети Климентовиот храм Свети Пантелејмон на Плаошник ќе се одржи света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско кичевски г. Тимотеј. Веднаш потоа ќе се одржи панихида за починатите учесници на Вториот Црковно народен собор, по што во катедралната црква Света Софија ќе се одржи свечена академија по повод јубилејот.