Skip to main content

МЗ од с. Брчево апелира до сите кои се во можност да се вклучат во потрагата по исчезнатиот соселанец

Трет ден нема трага од исчезнатиот стружанец, кој од својата викендица заминал по печурки во шумите на Караорман. Во потрагата е вклучена и Планинската спасителна служба на Црвениот крст и куче трагач.
 |  инфодеск  | 

Трет ден се трага по 60 годишен стружанец, кој заминал по печурки и исчезнал. Во неделата, од својата викендица во селото Брчево на падините на Караорман се упатил кон шумата, но не се вратил. Од тој ден со него не може да се воспостави телефонска комуникација, не може да се лоцира ниту мобилниот телефон.

dodevski

Во потрагата е вклучена и Планинската спасителна служба на Црвениот крст и куче трагач.

„Комплициран планински терен со густа вегетација, многу тешко прооден дури и за луѓе кои пешки пристапуваат. Воздушна потрага со дронови, хеликоптери е е возможна само во мал дел од територијата, бидејки е густа шума така да пребарувањето од воздухоплов би бил без резултат“, вели Антонио Додевски од Планинската спасителна служба.

selo_Brcevo

Од месната заедница од селото Брчево апелираат до сите за масовен одзив за пронаоѓање на нивниот соселанец.

Упатуваме апел до сите ловци, планинари, велосипедисти и сите кои го познаваат теренот околу селото Брчево да се вклучат денес во потрагата по нашиот соселанец Крсте Маркоски- Кече . Секогаш сме биле тука за добро и лошо и се надеваме на масовен одзив на акцијата.“ – стои во апелот.

Ова не е прв случај на исчезнување во планина. Од ПСС велат потребни се систематски подобрувања на системот за цивилна заштита за полесна локација на исчезнати.

„Постојат современи системи кои што и онаму каде нема достапност на мобилна мрежа можат да го лоцираат мобилниот телефон но тие системи треба да се размислува да се набават. Веројатно потрагата ќе продолжи и утре.“ -додава Додески.

Повеќе од еден месец се трага и по белгискиот турист, кој исчезна на 18 септември, планинарејќи по планинските рути во регионот на Охрид, Струга, Вевчани и Битуше.

Новинар Соња Рилковска