Најдобро издание на Вевчанската колонија
Седма Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“. Во Вевчани се стекнуваат незаборавни искуства за сликарите кои доаѓаат тука од цел свет. На оваа ликовна колонија досега учествувале 150 сликари и за седум години изработиле повеќе од 500 ликовни дела кои го збогатуваат духовниот живот на Вевчани, Струга, Охрид и регионот.
Прекрасниот вевчански амбиент со своите природни реткости во своите прегратки ги смести уметниците од седум земји во светот. Станува збор за учесниците на Седмата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“. Многу нови дела и оваа година ќе произлезат од оваа манифестација, кои ќе бидат видени не само во Вевчани, туку ќе го прошетаат и целиот свет, промовирајќи го раскошот на Вевчани, изворите, интимата на вевчанската природа и гостопримливото население. Организаторите велат дека годинешново издание било едно од најубавите досега.
„Условите беа прекрасни, миговите поминати тука и спомените воодушевуваат, гостите кои доаѓаат периодов во голем број ја посетуваат галеријата во Виа Игнација, која што е преполна со уметнички дела. Се надеваме дека и во иднина ќе имаме уште поуспешни ликовни колонии и на повисоко ниво организирани и се надеваме дека овие дела ќе одат во многу градови во Македонија и светот во иднина“ – истакна Ефимија Угриноска.
Вевчанската колонија искажува и проектира голем влог во македонската ликовна култура и тоа за нас претставува вистинска гордост, изјави Мишо Китаноски, поранешен истакнат македонски новинар, автор. Тој истакна дека годинешново издание на вевчанската колонија било посветено на доајенот на македонското сликарство академик Глигор Чемерски.
„По тој повод на општо и пријатно изненадување сликарот Сајет Дарвиш од Париз на свеченото отварање донесе изработена слика во чест на Гиче и посветена на него. Тоа практично значи дека загубата на академик Чемерски е трајна бидејќи тој се вгради во позиционирањето и профилирањето на оваа меѓународна колонија што значи дека заеднички со домаќинот г- дин Ѓоко Угриноски се идејните творци и реализатори“ – појаснува Китаноски.
Небојша Ѓурановиќ, голем уметник од Белград, кој се занимава со фигуративно сликарство и со свои изложби се претставува насекаде во светот, вели дека чест му е што е дел од ликовната колонија во Вевчани. Тој ја сака нашата земја, често доаѓа во Македонија и три негови дела, на тема Втора Светска војна се во Музејот на македонската борба во Скопје.
„Ова не е збир на околности, тоа не е нешто што се работи тек така, тоа го започнав во ателјето во Белград и ја донесов овде, тука ја завршувам, тоа е Св Ѓорги, убиец на духовите. Слушнав дека Св Ѓорѓи е заштитник на Вевчани и нашиот пријател и домаќин Ѓорги Угриновски е исто така Ѓорги, така да тоа е една одлична синергија која се постигнува на тој начин“ – вели Ѓурановиќ.
Мотото на рускиот сликар Александар Марат е, „Нема свет без темница и темница без свет“. Тој изработи прекрасно дело со Александар Македонски.
„Некои го сака некој не, некој го признава некој не но тој е херојот на империјата која што постоела некогаш“.
Прв пат на Вевчанската колонија е Јелена Враговиќ Цветковиќ, уметничка од Вршац, Војводина. Нејзините импресии за Вевчани се големи.
„Многу ми се допаѓа колонијата, енергијата на ова место, луѓето а она што го работам е спој на Војводина и Македонија, гледате овде има рамници, планини“ – истакна Цветковиќ.
Сајет Дарвиш уметникот од Париз доаѓа 4 пати на Вевчанската колонија. Тој има научено дел од македонскиот јазик, но сепак неговата изјава беше мешавина на македонски, англиски и француски јазик
„Прво ми се допаѓа Република Вевчани, природата, изворите, тишината, птиците“.
На ликовната колонија во Вевчани и неповторливиот амбиент во угостителскиот објект Виа Игнација, годинава зедоа учество повеќе од 30 ликовни уметници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Франција, Албанија, Бугарија, Турција и Русија.