Најпосле се издадоа струшките плажи
Познати идните 7 концесионери на струшките плажи. Женска плажа и овојпат најпосакувана и најпримамлива локација. Таа падна во рацете на Мерсим Селими кој на јавното наддавање кое што денес се оддржа во Министерството за транспорт и врски понудил највисока цена по метар квадратен.
Познатата „Женска плажа“ во Струга магнет за концесионерите. За неа е постигната цена од 1.210 ден за м/2. Имено, денес во Министерството за транспорт и врски се изврши долгоочекуваното второ по ред јавно наддавање за 7-те атрактивни струшки плажи. После првиот неуспешен обид и постигнатата астрономската цена за Женска плажа од околу 1 милион евра за година дена, повторно оваа плажа се издвои од останатите. Комисијата за јавното наддавање беше составена од 7 членови и тоа, од Министерството за транспорт и врски, Mинистерството за економија, Oпштина Струга и Mинистерството за екологија чии членови не присуствувале. Раководителот на секторот за урбанизам од Струга, Натмир Неџипи кој е член на заедничката комисија изјави дека интересот на идните концесионери за оваа плажа и овој пат се покажало дека е најголем. Познато е дека оваа плажа има површина од 8099 м/2. Мерсим Селими успеа да се избори за неа и во наредните две години ќе стопанисува со истата. Согласно законот за јавно наддавање, тој во рок од 15 дена треба да уплати сретства во висина од околу 160 илјади евра за една година. Плажите се издадени на 2+3 години со тоа што мора една година однапред да се плати гаранција односно вкупната сума предвидена за првата година. Условот за продолжување на концесијата е тоа што концесионерот мора да се придржува согласно законските рамки за уредување на крајбрежниот дел од езерото. Драстично помала сума достигната за останатите 6 плажи. Тие се издале по 60 денари за метар квадратен површина.
Сопственикот на „Аквариус“ од Струга ја добил плажата пред својот угостителски објект.
Со плажата пред ресторанот „Конак“ ќе стопанисува Ардијан Османoвски.
Машка плажа која што исто е многу ценета од стружани ја доби фирмата „Бето компани“, додека пак Ертан Бојку ќе концесионира со плажата пред универзитетот ФОН.
Своја плажа доби и фирмата „АВЕЛ“ сопственик на бившата фабрика „Стружанка“.
Со плажата пред хотел „Галеб“ ќе концесионира хотел „Дрим“.
7- те струшки плажи добија свои привремени стопани, на кои им останува уште малку време за средување до шпицот на летната туристичка сезона. Останува да видиме дали и тие согласно законските нормативи ќе се уредат.
{loadposition content9}