Skip to main content

Респираторни инфекции

Наплив на пациенти на детското одделение во Струга

Зголемен бројот на респираторни инфекции во охридско-струшкиот регион. На детското одделение во Струга секојдневно се лекуваат по стотина деца, а најкритично е за време на викенди кога нивниот број во просек е 200. Детското одделение во Струга го покрива целиот регион, откако пред една година поради недостиг на педијатри се затвори детското одделение во охридската болница.
 |  инфодеск  | 
Детско одделение во Струга

Во охридско-струшкиот регион зголемен е бројот на респираторни инфекции. Најкритично е во време на викенди и празници, кога има и по 200 деца за преглед. Секојдневно е голем бројот на пациенти, просечно има по стотина прегледи. Оваа есенска сезона најактуелни се вирусните респираторни инфекции кај децата, кои многу често доведуваат до компликации.

Најповеќе има деца со респираторни вирусни инфекции, бидејќи времето е такво. Имаме деца со ларингитис, фарингит, со горно респираторни инфекции и со долно респираторни инфекции. Со горно респираторни има полесни случаеви, но со долно респираторни знаат и да се комплицираат – вели д-р Бујар Превала, началник на детско одделение Струга.

На детското одделение во Струга работат пет педијатри и еден неонатолог, но еден од лекарите следниот месец заминува во пензија, а друг на специјализација, со што бројот на специјалисти се намалува.

Значи овде ќе останат четворица педијатри, еден од нив е неонатолог што значи остануваат три. И овде ќе е потешко за работа бидејќи тројца лекари во тек на еден месец ќе треба да имаат по девет дежурства или десет дежурства да држат, што ќе е напорно и за нив – вели д-р Превала.

Детското одделение во Струга го покрива целиот регион, откако пред една година поради недостиг на педијатри се затвори детското одделение во охридската болница. Тука се лекуваат пациенти од Струга, Вевчани, Охрид, Дебрца, Ресен и Дебар.

Новинар : Соња Рилковска