90 научници од 21 земја на меѓународна средба во Вевчани посветена на рисот

Вевчани е домаќин на деветтата средба на меѓународната мрежа „Еуролинкс“, на која речиси 90 научници и истражувачи од 21 земја разменуваат искуства и најнови сознанија за животот, движењето и заштитата на рисот. Во фокусот се и можностите за закрепнување на балканскиот рис, како и предизвиците со кои се соочува овој редок предатор.

Како што информираат од Македонското еколошко друштво, меѓу темите се и прашањата поврзани со размножувањето, однесувањето на женките, како и средбите меѓу единките од овој вид, кој вообичаено се смета за самотно животно.
Посебно внимание се посветува на состојбата на популациите на рисот низ Европа, но и во други делови од светот, до Хималаите во Непал. Истражувачите разменуваат искуства за современите методи на следење и проучување на рисот, неговата улога во екосистемите и влијанието врз другите предатори.
Една од клучните теми е и иднината на балканскиот рис, кој се соочува со сериозни предизвици за опстанок. Меѓу прашањата за кои се дискутира се можните сценарија за закрепнување на популацијата, заштитата од сообраќајни несреќи и намалувањето на последиците од фрагментацијата на природните живеалишта.
Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека ваквите меѓународни средби се значајни за размена на научни сознанија, воспоставување соработки и унапредување на мерките за заштита на рисот.

Неколкудневниот престој во Вевчани, покрај научните дискусии, претставува и можност за поврзување на истражувачите и споделување искуства кои можат да придонесат за поефикасна заштита на овој редок вид.
Организаторите упатија благодарност до мрежата „Еуролинкс“, EuroNatur и Balkan Lynx Recovery Programme, како и до Александра Велкоска и Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ од Вевчани за локалната поддршка.



