Skip to main content

Соголување на шуми

Нелегална сеча ја пустоши Јабланица

Нелегална сеча ја пустоши планината Јабланица. Шеесеттина камиони натоварени со огревно дрво дневно минуваат низ струшкото село Вишни. Иста е состојбата и во соседно Радолиштa. Жителите преку собир бараат надлежните да прогласат мораториум за сеча.
 |  инфодеск  | 
Јабланица

Жителите на струшките села Вишни и Радолишта го кренаа гласот против неконтролираната сеча на Јабланица. Обвинуваат за пустошење на шумите и голoсеци од страна на кoнцесионери без дозвoли и приватни лица.

Велат шеесеттина камиони деноноќно ја соголуваат шуматa. Мештаните стравуваат дека може да останат без вода за пиење бидејќи има намалување на водостоите во вишенските извори и оштетување на локалните патишта.

Дневно околу 60 камиони поминуваат овде натоварени со огревно дрво. Досега не се преземаат никакви активности и покрај нашите барања, а сме се обратиле до сите надлежни органи – вели Цветозар Ристески, претседател на МЗ Вишни.

Обвинуваат дека се вадат дозволи за сеча на приватни лица од кои поголемиот дел се починати и бараат да се воспостави МОРАТОРИУМ за сеча на Јабланица.

Се вади дозвола за сеча на приватни лица кој што се поголем дел починати и со истите тие дозволи се изнесува друго огревно дрво од државни парцели – вели Никола Кутаноски.

Со децении нелегална сеча има и во соседно село Радолишта.

Веќе 10 години се бориме со овој проблем и не можеме никако да се избориме тоа по мое мислење е организиран криминал – вели Џевдет Даути, претседател на МЗ Радолишта.

Жителите повеќепати ја информирале шумската полиција и инспекторатот да преземат мерки за сопирање на нелегалната сеча на Јабланица.

Новинар : Соња Рилковска