Skip to main content

Нереални попусти во продавниците

И по сезонските намалувања цените на гардеробата високи за нашите стандарди. Малку сопственици на бутици се придржуваат на реалните сезонски намалувања.

 |  Билјана Колоска  | 
Големи сезонски намалувања, но за граѓаните со подлабок џеб. Во Струга, но и во другите градови,  на сите страни по бутиците се истакнати  известувања дека производите се на голем попуст. Речиси и да нема такви објекти каде нема сезонско намалување. Но, во малку од нив производите се продаваат по реално снижени цени. 

Граѓаните  кои добро ги познаваат цените пред и по сезонските намалувања, велат дека и моменталните цени се доста високи за наши стандарди. Пред  ваквата ситуација граѓаните не замижуваат. Често се обраќаат до Организациите за заштита на потрошувачи. Поплаки има и во советодавното место за заштита на истите при општина Струга. Освен за овие забелешки, граѓаните често до нив се обраќаат и за други проблеми.
Според „Законот за заштита на потрошувачи“, граѓаните имаат право кај трговецот каде е купен производот, да го заменат истиот, што има соодветен квалитет, а не им одговара по модел, големина, форма или величина. За овие законски права, малку од граѓаните се информирани, но проблемот е што самите не знаат каде да побараат помош за тоа. Во Струга, „Советодавното место за заштита на потрошувачи“ се наоѓа во просториите на Локалната самоуправа. Таму можат да се обратат за помош сите граѓани – потрошувачи кои ќе бидат оштетени од страна на трговците.