Ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко
Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против струшкиот градоначалник Рамис Мерко. Тој се товари за повреда на законските прописи при именување на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа.
Струшкиот градоначалник , го прекршил Законот за основно образование по два члена, донел решение за вработување на директорка во ОУ Мурат Лабуништи, која била дипломиран психолог, но не била од редот на вработените, ниту имала работно искуство.
„За вршител на должноста директор именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.“ – стои во соопштението на ЈОРМ.
Претходно на 01 март годинава против Мерко по иницијативата на Антикорупциската комисија е поднесено обвинение за набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“ во Општина Струга. Тој се гони за Злоупотреба на службена положба и овластување.
Струшкиот градоначалник лани во јуни се најде и на црната листа на САД како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значајна корупција.
Новинар Соња Рилковска