Објавено промотивното видео за СВП 2023
Во пресрет на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата што ќе се одржи од 24 до 28 август, објавено е промотивното видео.
Видеото е во продукција на ЗООТРОП студио, а автор на музиката е Џијан Емин.
„ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК Јазик создаден од чувства. Јазик што создава чувства. Чувствотворен јазик. Поетскиот јазик ја има моќта да ги пресоздаде чувствата во нови зборови што ќе ја сменат нашата претстава за светот, па така станува и чудотворен јазик. Предизвик за поетот е низ вдахновена потрага да ги пронајде вистинските зборови со кои ќе ги сврзе Убавината и Смислата во песна. Но денес, поетскиот јазик станува предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Дали поетскиот јазик може да се симулира? Ги допираме ли границите на човекувањето. Во постојаниот порив да го совладаме светот, ќе бидеме ли заробени во матриксот на невронските мрежи?“ – пишува во описот на видеото.
ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК е мотото на годинешното издание на Струшките вечери на поезија кое е илустрирано и на плакатот за манифестацијата дело на графичкиот дизајнер од Струга, Енкел Дика.


