Skip to main content

Струшкото обвинителство отвори предмет за загадувањето на водата за пиење

Издадена е наредба да се изврши увид на локација во селото Шум, каде се наоѓаат изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
 |  инфодеск  | 
Струга

Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

„Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена е наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“, соопшти Обвинителството.

Водата од водоводот во Струга е заматена пет дена и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена. Директорот на ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски вчера поднесе оставка од морални причини.