Skip to main content

Основно јавно обвинителство – Струга

ОJO оформи предмети за злоупотреби во ЗД Вевчани

Отворен е предмет за надрилекарство и за злоупотреба на службена должност на директорот и на Комисијата за селекција при вработување. Во текот на истражувањата за случајот во кој лице работело како лекар 4 години без диплома и лиценца , ОЈО дошло до сознанија и за нови злоупотреби.
 |  Валентина Неловска  | 

Основното јавно обвинителство Струга оформи три предмети за злупотреби во вевчанскиот Здравствен дом. Постапувајќи по поднесена кривична пријава обвинителството оформи предмет против лажниот доктор за кривични дела фалсификување, измама и надрилекарство. Пријавениот, иако не поседувал диплома изготвил фалсификувано уверение за положени испити на факултет за медицински науки и фалсификат уверение и лиценца од Лекарската комора. Документите ги употребил пријавувајќи се на оглас за работно место – доктор во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани и во 2018 година бил избран и вработен во здравствениот дом.
Со лажните документи пријавениот ги довел во заблуда членовите на Комисијата за селекција при вработувањето дека ги исполнува условите предвидени во Законот за здравствена заштита.Четири години извршувал работни задачи доктор по медицина без соодветна стручна посготовка и се занимавал со лекување и давање медицинска помош. На овој начин го довел во ризик здравјето на пациентите правејќи кривично дело за надрилекарство, велат од обвинителството.

Здравствен дом Вевчани


Оформен е предмет за злоупотреба на службена положба и овластувањеи за директорот на Здравствениот дом Вевчани. За него има индиции дека од 2019 година имал сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарска комора. За тоа бил писмено известен со допис од Лекарската комора. Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022 година.
Основното јавно обвинителство Струга дошло до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле и две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, двете кандидатки склучиле договори за вработување со ЈЗУ.
Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување , Несовесно работење во службата за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување.