Пациенти на дијализа во Струга алармираат за недостиг на еритропоетинска терапија

Три пати неделно, по четири часа, животот им зависи од апаратите за дијализа. Но за пациентите со хронично бубрежно заболување борбата не завршува кога ќе заврши третманот. Со месеци дополнителен страв и неизвесност им создава недостигот на еритропоетинска терапија, лек без кој, велат, не можат нормално да функционираат.
Станува збор за стотина пациенти во Специјализираната болница за нефрологија во Струга, кои алармираат дека терапијата ја нема во доволни количини па се дели селективно.

„Така нè селектираат според крвната слика. Ако некому му е многу паднат хемоглобинот, нему му даваат. А ние што треба да го одржуваме хемоглобинот во нормала Јас лично треба да примам 4000 на секоја дијализа, а моментално ми даваат само 2000.”, вели Бранкица Размоска пацинетка на хемодијализа.
Еритропоетинот е клучен за создавање црвени крвни зрнца и спречување на тешка анемија. Недостигот на терапијата може сериозно да ја влоши здравствената состојба на пациентите, кои бараат итно решение од надлежните институции.
„Јас не излегувам за да барам кривец, туку излегувам да апелирам во име на пациентите на дијализа до сите надлежни институции да кажат која е причината зошто лекот го нема и да се најде соодветно решение.”, додава Размоска.
Пациентите велат дека не бараат привилегии, туку основни услови за лекување и достоинствен живот. Став за недостигот на терапијата, побаравме од директорот на струшка нефрологија, но тој остана недостапен.
Новинар Соња Рилковска







