Паднаа првите сет мерки за спас на стружани од дивата депонија
Централните и локалните власти треба сериозно да се фатат за работа за да се реши проблемот со дивата депонија во Струга. Во тоа ќе помага и Комисија, која е формирана специјално за таа намена и која првенствено ќе има задача во најскоро време да се избори за привремено, а потоа и долгорочно решение на овој проблем. Во таа насока се предлагаат сет мерки против спалување на депонијата, предлози за релокација, складирање на сметот во друга депонија, како и интензивирање на процесите за формирање регионални депонии.
Формирана е комисија за спас на стружани од загадувањето кое го предизвикува дивата депонија на влезот од градот. Ова беше одлучено на Вонредната седница на Советот на општина Струга која беше неодамна одржана. Комисијата е составена од 5 члена, двајца од Советот, 2 од општинската јавна администрација, како и еден претставник на граѓанската иницијатива. Глигор Ќато претставникот на граѓанската иницијатива открива дека еден од првите чекори веќе бил направен, а тоа е остварување на средба со градоначалникот на Охрид, со цел заеднички пристап кон решение на проблемот.
„Ние како граѓанска иницијатива постојано ја потенцираме итноста и ургентноста за решавање на проблемот. Струга не може да си дозволи секој ден ваков вид на депонија во непосредна близина на градот. Таквата ургетност ние ја споделивме со советниците, со градоначалникот на Струга и Охрид и првично не би сакале да дојдеме со некое решение кое што не би имало позитивен ефект, но исто така не би смееле да си дозволиме, да навлегуваме во некои студии кои би опфатиле две, три години за решавање на овој проблем“
Ќато изнесе фрапантни податоци за текот на настанувањето на дивата депонија на самиот влез во градот, како и за штетните последици кои истата ги предизвикува.
„Оваа депонија за 12 години прерасна во еден рид долг 700 широк 250 метри и висина 13 метри. Би можеле да замислиме колкава би била големината на оваа депонија после 5 години кога би продолжиле да фрламе смет таму. Потребно е брзо решение и одржливо на среден рок“
Ќато убедува дека набрзо ќе излезат со некое решение на среден рок, кое би било одржливо, бидејќи охридската Локална самоуправа покажала интерес за помош, но никако нема да дозволат пролонгирање на решавањето на проблемот.