Skip to main content

Поплаки до народниот правобранител

Печалбари се жалат на високи сметки за струја

Вкупно 174 поплаки до Народниот правобранител за високи сметки за електрична енергија на печалбари. Иселеници од западниот регион во земјава кои со месеци не живеат во своите домови добиле сметки од повеќе илјади денари.
 |  инфодеск  | 
Струга

Над 170 поплаки од печалбарите до Народниот правобранител за високите сметки за електрична енергија. Иселениците од Југозападниот и Северозападниот регион во земјава, кои не живеат во домовите добиле превисоки сметки за струја. Од шест до десет илјади денари месечно за потполно празни куќи, каде не свети ниту сијалица, велат е неприфатливо.

Народниот правобранител поднел укажување до регулаторната комисија за енергетика за бројните поплаки, но и барање за корекција до ЕВН.

На ниво на држава имаме 174 преставки, а во западниот дел на земјава каде претежно живеат печалбарите исто така има многу. Од страна на канцеларијата на Народниот правобранител преставките со барање ги адресираме до ЕВН со барање да не известуваат за цените и начинот како им наплатуваат на граѓаните – вели Илбер Руфати, заменик на народниот правобранител во Кичево.

Илбер Руфати

Печалбарите велат не потрошиле ниту киловат час струја, а месечните сметки од август до октомври им биле неколку илјади денари.

Имаме уште полоши ситуации, каде што печалбарот не живее во Р. Македонија меѓутоа му се наплатени 15 000 денари за два месеци. Што значи иако не живеел тука од страна на ЕВН му наплатуваат – додава Руфати.

Сметка за струја

Од ЕВН велат дека паушалните сметки доаѓаат доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да го достави статусот на броилото и да пријави состојба при што надлежните служби ќе ги направат соодветните корекции. Дополнуваат, ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено.

Новинар : Соња Рилковска