Во петок започнува традиционалниот Вевчански карневал
Во петок (12 јануари) од 20 часот започнува традиционалниот Вевчански карневал кој претставува манифестација на народните пагански обичаи по повод празникот Василица. На 13ти низ Вевчанските улици ќе продефилираат традиционалните маски на зетот и невестата, музичарите, ѓаволите, Глупавиот Август но и новите сатирични коментари како одраз и здрав коректив на општествените случувања.
Бидејќи Вевчанскиот карневал е еден голем мајтап, ќе се обидам таков да биде и овај прес, кажа промоторот на Вевчанскиот карневал Игор Џамбазов на денешната прес конференција на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и на градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
„Денеска гледате една несекојдневна глетка. Од мојата лева страна се левите политички сили, а од десната страна, десните политички сили. Левиве политички сили им даваат пари на десниве, а јас како инфлуенсерка сум жив штит меѓу нив. Дај боже што почесто да има вакви слики и, навистина министерке, Вевчански карневал е бренд кој не смее да се одбие“ – рече Џамбазов.
Вевчанскиот карневал е нематеријално културно наследство и мене ми е мило што оваа година Министерството за култура е поддржувач на манифестацијата со цел заедно со Општина Вевчани да бидеме чувари на македонската култура и историја, кажа министерката Костадиновска-Стојчевска
„Само вака можеме да покажеме дека заедно се грижиме за културносто наследство , дека продолжуваме да ги негуваме обичаите коишто ги претставува Вевчанскиот карневал , затоа што со поддрѓка на карневалот којшто претставува културна туристичка атракција во овој регион , го поддржуваме и иновативниот дух на Вевчани. Морам да кажам дека со нетрпение го очекувам почетокот на карневалот.“ – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Вевчанскиот карневал е гордост на Вевчани и на цела Македонија кој собира гости од цела Европа и светот и на секоја влада и министер за култура треба да му биде чест да го поддржува, кажа Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
„ Вевчани е место кадешто сите функционери, политичари кои цела година правеле негативни работи , кои Вевчанци отцениле дека се негативни ќе се видат на дефилето на карневалот. Без навреда , без тенденциозност но тоа е тој хумот и сатира што ги нуди Вевчанскиот карневал. “ – кажа Кочовски.
Програмата започнува на 12 ти јануари, ноќта спроти главниот настан дефилето на маски. Првата вечер, во петок, забавата стартува од 19 часот со DjAmpov, Young Dady и Најдоброто од Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд во 21 часот, а во 23 часот е концертот на групата Нокаут. Во сабота на 13-ти е главниот настан поворката на маските, музичката програма започнува во 20 часот со Акустик бенд, во 22 часот ќе настапи Наум Петревски а по него следуваат Оркестарот за тапани и зурли од Вевчани и Биоритам .
„Очекуваме многу гости. Имаме најава од норвешка телевизија које ќе прави патепесна репортажа за Македонија и од цела држава одбрала три пункта, Хераклеа, Охрид и Вевчани. Ќе дојде и еден од најпознатите блогери на овие простори кој патува по светот и снима репортажи, станува збор за Путриота блогер од Србија.“ – кажа Џамбазов.
На 14-ти со традиционалото палење на маските се означува крајот на уште едно издание на настанот кој се организира со векови , или како што кажа Џамбазов на денешната прес конференција, според некои артефакти пронајдени во Горна Белица, се претпоставува дека е стар над 2.000 години, или првиот Вевчански карневал се одржал 900 години пред Колумбо да ја открие Америка.