Skip to main content

Реституција на културно наследство

Со почеток на следната година ќе продолжи процесот за враќање на иконите изнесени од државава по незаконски пат

По првата успешна реституција на дваесет македонски икони кои незаконски беа изнесени во Алабанија, од следната година процесот продолжува за враќање дома на уште 37 ремек дела украдени од македонските цркви и манастири. Проф. д-р Сашо Цветковски од МАНУ кој прв ги препозна иконите кои во периодот од 2008 до 2013 биле изнесени од земјава, вели дека идентификацијата  нема да биде потешкотија,  но дека треба да се размислува како иконите понатаму ќе се чуваат и презентираат. 
 |  Маја Савиќ  | 

По првата  успешна реституција на културно наследство со која дваесет наши икони кои датираат од крајот од 18-ти и 19-ти век, по една деценија беа вратени дома, процесот ќе продолжи за враќање и на уште 37 идентификувани икони во Албанија, украдени од македонските цркви и манастири, претежно од западниот дел на државава.  Значаен  удел во препознавањето на иконите има проф. д-р Сашо Цветковски, член на МАНУ.

„Се надеваме дека и следната година ќе имаме можност да престојуваме во Албанија и во поголемите музејски центри Корча и Берат, да направиме увид во депоата кадешто се депонирани дел од украдените икони од Македонија , од Грција, се разбира и од Алабанија, бидејќи станува збор за една навистина голема бројка. Тоа е бројка од над 1200 икони. Тука ќе има околу 37-38 наши икони и останува тој увид во депоата во музеите во Корча и Берат и се надевам дека таму ќе пронајдеме уште некоја икона.“ – вели проф. д-р Сашо Цветковски.

За тоа колку е тешко да се идентификуваат иконите, проф. Цветковски вели дека од голема помош е  скапоцената документација и евиденција која била создавана од стручни лица во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, како и богатиот фото материјал со кој се покриени сите предели и цркви во Македонија.

„Ние приметуваме дека таму иконите се третирани, не толку стручно и професионално, но тие што ги имаат отуѓено иконите, правеле одредени конзерваторски интервенции, можеби најмногу околу сигнатурите и натписите, бидејќи словенските сигнатури  ги имаат отстранувано и имаат додавано грчки натписи. Оштетувањата се видливи, сите идентификациски броеви се избришани , но тоа сепак не се некои големи проблеми кои не можеме да ги надминеме . Ние досега сето тоа успешно го решевавме .“ – посочува проф. д-р Цветковски.

Во периодот од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, од каде што се однесоа стотици икони. Последните неколку години нема толку драстична појава на ограбување на црквите. Тоа се должи на подигнувањето на свеста дека треба повеќе да се грижиме за зачувување на нашето културно историско наследство, иако остануваат оние објективни фактори кои оневозможуваат  тоа на ефикасен начин да се спроведува, вели Цветковски. Најголем проблем е што селата се иселени и пусти.

„Тоа културно наследство , во такви периферни објекти е проблем да се следи и треба да се пронајде системско решение прифатливо за сите, црковните одбори, црквите и службата за заштита на споменици на културата. Да се оформат големи депоа кадешто би се чувале тие икони , едно централно депо ако треба. “ – вели Цветковски.

Цветковски посочува дека покрај за чувањето на тоа културно наследство во депоа треба да се размислува и за поголема негова презентација во повеќе музејски збирки и институции, па дури и формирање на црковни музејски збирки. Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија започна во 2013 година, со интенизвни активности во последните две години.