Почна пролетното спалување на трската во струшко
Повторно опожарена голема површина на трска во струшко. Изминатава недела евидентирани се два пожари на локалитетот Калишко поле, покрај крајбрежието, каде интервенираше противпожарната единица.
Деградацијата се повторува секоја пролет, пред почетокот на туристичката сезона, од страна на несовесните граѓани, кои заради профит, изградба на плажи и узурпација го уништуваат природниот биодиверзитет на Охрдското Езеро.
Трската во континуитет се спалува, гледаме дека на површините се истура градежен шут. Она што најмногу ни пречи е тоа што не станува збор за приватно земјоделско земјиште, туку станува збор за државно земјиште – вели Никола Кукунеш, граѓански активист.
Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги спалените гнезда. Еколозите алармираат, се уште го нема најавениот видео надзор и ренџерска служба за заштита.
Иницијативите се однесуваа и за поставување на видео надзор и за поставување на некаква ренџерска служба која што барем во периодот додека се случува палењето на трската ќе бидат присутни на терен. Од друга страна беше поднесена и иницијатива за дислокација на градежниот шут – додава Кукунеш.
Уништувањето на трската е една од забелешките на Унеско. Еколозите ги повикуваат инспекциските служби да преземат итни мерки.
Новинар : Соња Рилковска