Поголема заштита на пречистителната станица во Враништа
Само со сепарација на водоводната мрежа во Охрид и Струга, односно одделување на атмосферската од фекалната вода, може да се намалат дефектите кои се случуваат во пречистителната станица во Враништа. Поради се почестите проблеми, оваа пречистителна станица се случува да не работи со денови. Доколку не се преземат посериозни чекори за реновирање на системот на оваа станица, може да се случи системот да колабира, предупредуваат одговорните.
Пречистителната станица во Враништа речиси еден месец не работеше. Според одговорниот на оваа станица Мухамед Лешко, проблемот бил од техничка природа, односно се случил дефект на пумпата за циркулација на пречистителната станица. Лешко предупредува дека мора да се има поодговорен пристап кон овој систем, кој многу значи за двата града на вода, бидејќи е еден од посовремените, на Балканот.
„Се случи дефект на самите редуктори, бидејќи ние немавме резервни редуктори станицата цели три недели остана надвор од употреба. Периодот ако се продолжи повеќе од месец и половина два, ќе настанат и технолошки проблеми. Тињата ќе се активира и ќе излезе во реката, што пак може да предизвика биолошка катастрофа“ – вели Лешко.
За системот во пречистителната станица во Враништа не може да се каже дека е заштитен, вели Лешко. Додава дека одговорните во МЈП „Проаква“ мора да размислуваат да формираат специјален фонд за одржување, кој фонд секогаш ќе биде на дофат за резервни делови за интервенција и превентивно одржување, во спротивно за кратко време може да се случи системот целосно да колабира.
„Нашиот систем е нападнат од инфилтрираните води, во однос 1:5, значи еден дел доаѓа нечиста вода за што е проектиран системот а другите 5 дела доаѓа чиста вода што не треба да влегува во самиот систем. За да се одбегне тоа мора да се сепарира мрежата на двата града, Охрид и Струга. Тоа е предвидено со новите донации на ИПА фондовите и јапонската донација предвидено е да се прави, но дали во тоа ќе се успее не може да се каже не зависи тоа од нас“ – нагласува одговорниот.
Системот во пречистителната станица во Враништа е стар 30 години. Како што информира Лешко, редовно ги информирале надлежните за состојбата со дефектите, некои институции имале слух за проблемот, но не сите. Според неговите сознанија, завршена била физибилити студијата за реконструкција на целата пречистителна станица, со што било предвидено да се санираат сите пумпи, базени и други линии што ја доведуваат водата до прочистување од трет степен, односно отстранување на фосфатите и нитратите на самата вода. Дали спасот за оваа пречистителна станица со цел да се изгасне еколошкиот аларм и да запре загадувањето кое го причинува, лежи во јапонскиот проект за рехабилитеција на колекторскиот систем, ќе биде појасно на 24 јуни. Имено, јапонските експерти кои работеа на утврдување на состојбата со колекторскиот систем на 24 јуни ќе имаат јавна финална презентација на наодите и препораките за приоритетните мерки за рехабилитација на системот.
{loadposition content9}