Skip to main content

Поголема застапеност на албанските празници, реагира македонскиот блок во Струга

На 34тата седница на струшкиот Совет поголем дел од одлуките изгласувани во пакет додека расправа се разви околу одбележување на празници и значајни личности и настани од минатото. Советниците од сдсм и вмро дпмне со став дека во програмата на општината повеќе се застапени албанските празници. Бараат еднаков третман.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Дали имате план за Струга? Кога ќе се изгради велосипедска патека? Дали ќе го реновирате затворениот базен во Струга? Дали ќе добиеме ново спортско игралиште во ОУ „Браќа Миладиновци“, Дали Советот добива задачи и дали ги решава? Со овие прашања започна 34 седница на струшкиот Совет, поставени од   учениците од ОУ „Браќа Миладиновци“, кои денес имаа задача да ја следат седницата. За жал по се изгледа овие суштински прашања за градот Струга не беа сериозно сфатени од Претседателот на Струшкиот Совет, според она што учениците го добија како одговор. Но не само учениците, со одредени нејаснотии се соочуваат и градските избраници од Струга, кои укажаа дека точките на дневен ред се недоискажани, без логика во делот на нивното усвојување, посебно оние кои се однесуваат на кварталните извештаи каде има и финансиски делови.

„Сметам дека во таков случај доколку гласаме воздржано или против, тогаш таа проблематика треба да оди понатака, односно да се формира комисија која ќе види зошто гласаме против или воздржано, доколку има незаконско работење констатирано во тие извештаи тогаш да побараме одговорност од тие што се надлежни. Вака одлучивме денеска да не ги усвоиме без никаква дефинираност на крај што понатака“ – вели Ардијан Демири, советник на НДП

Од првиот пакет од 6 точки од дневниот ред кои се однесуваа на кварталните извештаи за работата на ЈП „Комунално“, Струга, ЈП „Хигиена“, Лабуништа, МЈП „Проаква“, предлог одлуката за измена и дополнување на одлуката за преземање на долг од основните училишта на општина Струга за нафтени деривати, извештај за спроведени постапки за експропријација 2013 – 2015, програма за  ЛЕР, програма за активности на општина Струга во областа на информатичката технологија за 2016, 4 беа усвоени додека пак кварталните извештаи за Комунално и МЈП Проаква не поминаа.
На оваа седница со сличен став настапија струшките советници од СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ по однос на точката за програмата за култура 2016 год кои не ја поддржаа.

„Исто така имаме забелешки и во врска со програмата за одбележување значајни настани личности од културното минато за 2016. Таму голем дел од историјата на Струга се избришани воопшто не се ставени, ова трет пат како ние реагираме и како советничка група ќе побараме да биде вметната Химната на Р. Македонија која што за прв пат е испеана во Струга, а во 2016 се слави 75 години, потоа 115 години од раѓањето на струшкиот драматург Ристо Крле“ – вели Николина Велкоска Глигороска.

„Не ја поддржуваме, бидејќи другите години правевме притисок да биде ставена Струшките вечери на поезијата како најголема манифестација во Струга и светот во однос на поезијата, овој пат е само така ставена нафрлена, не е ставено ни колку средства и немаме гаранција и покрај тоа што изгласана во програма дека ќе биде донесена“ – нагласува Перо Петкоски.

Советниците сметаат дека албанските празници се повеќе застапени во програмата, имало и некои интернационални празници. Но сепак нивните размислувања се дека општина Струга која важи за една голема мултиетничака средина треба да постои меѓусебна почит  кога се носи прогрмата за одбележување на празници заеднички да се отвори една поширока дебата при што ќе се донесе една реална програма во која ниедна етничка заедница не би се почуствувала запоставена.