Skip to main content

Социјална политика

Порака Нова организира спортски активности

Поттикнуваат здрав начин на живот за лицата со посебни потреби. Од невладината организација спроведуваат и обуки за давање социјални услуги.
 |  Валентина Неловска  | 
порака нова

Струшката невладина органаизација „Порака Нова“ продолжува со нови програми за социјална инклузија на лицата со попреченост. Преку повеќе проекти обезбедуваат спортски активности и промовираат здрави животни навики за лицата со посебни потреби. Отворени се за соработка со лица од околината. Порака Нова ја посетуваат 50тина членови, за кои се организираат спортски активности како што се пристапни фудбал и кошарка, фитнес, џудо и јога. Спортските активности ќе се изведуваат еднаш до два пати неделно, на различни терени. Досегашното искуство покажува дека лицата со намалена функционална способност покажуваат интерес за спортување, информира Стефан Малески од НВО Порака Нова.

Лицата со попреченост прифаќаат се што е ново. За нив е интересно и сакаат да се вклучат во реализација на спортските активности. Добро е за нивната социјализација, но и за практикување на здрав живот и физички активности“, вели Малески.

порака нова

Исто така, НВО Порака Нова има проект со кој ќе се обучуваат негуватели за помош на лицата со попреченост. Се едуцираат лица за давање социјални услуги во домашни услови.

Една од услугите е нега во домот на лица со намален функционален капацитет кои не можат да се грижат за себе. Во таа категорија спаѓаат лицата со Алцхајмер, Мултиплекс склероза и палијативна нега. Во истиот проект се обезбедува и услугата одмена во домот на лицето кое се грижи за домашен член кој е зависен од помош од семејството“, напоменува Малески.

Во „Порака Нова“ обуката за лични негуватели ја поминале 29 невработени лица. Дваесетмина од нив се вработиле преку невладината организација и работат со корисниците.