Празнична атмосфера во Струга и Вевчани. Во двата туристички центри деновиве е раздвижено и накитено. Во Струга се поставени елки на солидарноста и желбите. Организиран е и новогодишен базар на ракотворби, а собраните средства се наменети за најранливите категории.
Овој предпразничен настан е во организација на Струшката женска група со поддршка на бизнис секторот и општината.
Се што ќе се собере како донација тука, дали храна, дали украси и се што ќе ставиме на елката на солидарноста ќе биде предадено за тие цели понатаму околу Божикните празници да се подели на семејствата каде што е потребно – вели Велика Богоеска Голабоски од Струшка женска група.
Целта на новогодишниот базар збогатен со музика е сеење радост и насмевки кај најмладите, од струшката женска група за идната година најавуваат помасовна организација.
Имаме иницијатива оваа година да започне базар на дел од локалните изведувачи на ракотворби, за кое се надеваме дека до година ќе прерасне во нешто поголемо ќе трае повеќе денови и ќе биде традиција – вели Голабоски.
Дедо Мраз пристигна и во Вевчани и ги израдува децата со подароци. Најмалата општина во земјава традиционално очекува бројни туристи за Новогодишните празници.
Како и секоја година очекуваме посетеност. Вевчани веќе дише во духот на Божикните и Новогодишните празници, а се разбира како шлаг ќе биде Вевчанскиот карневал на 13 и 14 јануари – вели Спасе Кочовски, градоначалник на општина Вевчани.
Во Струга викендов има голем број туристи, најголемиот дел од нив се домашни гости и традиционално печалбарите, кои празниците ги минуваат во родниот град.
Новинар : Соња Рилковска