Skip to main content

Преамбициозен буџет

Извештајот за третиот квартал на буџетот на општина Струга усвоен, со низа забелешки за неговата слаба реализација, под 30%.

 |  Билјана Николовска  | 
Struga
Струга

struga„Домашниот есап не излегува на пазар“. Денешната 19-та по ред седница на струшкиот Совет се одвиваше во насока како во старата добра поговорка. Песимистичките предвидувања на дел од советниците, дека буџетот на општина Струга за 2010 е преамбициозен, сега излегуваат на видело, со прикажување на реалната состојба на кварталниот извештај. Љуљзиме Зулали од ДПА рече дека од авион се препознавААТ надуените цифри на буџетот. Таа рече дека сега имаме состојба на повеќе потрошен, отколку развиен буџет.

Со слично размислување, настапи и Стретен Бандоски од ЛДП. Тој кажа реализацијата под 30% е само доказ дека донесен е преамбициозен буџет за општина Струга, без да се води сметка за последиците после тоа.

Александар Попоски од СДСМ, рече дека кварталните извештаи нема смисла да се дискутираат без присуство на градоначалникот. Попоски потенцира дека не добил информација за неговото отсуство, бидејќи според него Мерко е должен и на советниците и на јавноста да им ја каже реалната слика.

„Погрешна е постапката за носење на буџетот“, смета Илија Мацески од СДСМ. Тој појасна како треба истата да се спроведе, со реални показатели.

Раководителот на одделението за финансии и буџет Елизабета Чадиковска Гоговска се сложува со дел од забелешките на советниците. Таа кажа дека буџетот бил предимензиониран и тоа било на барање на градоначалникот Рамиз Мерко.

Факт е дека процентите, бројките, реализацијата на програмите за кварталниот извештај се познати. Дел од советниците на струшкиот совет сметаат дека добро би било да се поднесуваат и квартални извештаи на корисниците на буџетските средства, односно секторите на општината кои ги користат тие средства како и советниците и граѓаните би имале преглед каде се трошат нивните пари.

{loadposition content9}