Премрзната жена извлечена од плевна во струшкото село Заграчани
До неа стигнал медицинскиот тим на брзата помош при Здравствен дом Струга, сосема случајно при реализација на посети од рурален доктор во ова село. Во моментов жената и покрај смрзнатините од трет степен на екстремитетите е во стабилна состојба и се наоѓа во Специјалната болница Св Еразмо.
Студот почна да го зема данокот. Во Заграчани струшко, во една плевна денес била пронајдена премрзната жена. Таа три дена останала без струја, огрев и храна. До неа случајно дошол медицинскиот тим на струшката брза помош. Директорот Марко Стрезоски вели дека веднаш интервенирале, на жената и дале храна и облека и ја префрлиле во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, Охрид.
Дежурниот доктор Огнен Шешоски рече дека пациентката треба да биде под постојан медицински надзор бидејќи подолго време била во хипотермија.
„Пациентката ја примивме во стабилна општа состојба, таа е свесна контактибилна, меѓутоа со забавени рефлекси поспана, по пот колениците е излезен оток еден и знаци за смрзнатини од трет степен по стапалата, смрзнатини има и на двете раце. Значи ја примивме пациентката ја згриживме ординиране е соодветна терапија за таква дијагноза и ќе пратиме како ќе се развива состојбата. Незнам како ќе се развива состојбата, значи со таков степен на смрзнатини можно е понатаму да дојде до развивање на гангрена на стапалата и ампутација“.
Митко Темелковски од ЦУК вели дека за овој случај разбрале од колегите од Струга и логистички помогнале истата да биде згрижена во Специјалната болница во Охрид. Темелкоски рече дека од она што го имаат како информација за жената, е дека таа и нејзиниот сопруг чувале овци во Заграчани. Ова не е изолиран случај.
Снегот и мразот кои оковаа и отцепија голем број села во охридско-струшкиот регион, како и проблемите со снабдувањето со струја најмногу ги погодија постарите жители кои живеат сами во руралнитие предели.
Охридскиот црвен крст во координација со ЦУК неколку денови доставува храна, лекови, ќебиња во отцепени села. Најмногу интервенции имале во Дебрца вели Секретарот на Антонио Додоски.
„На 31ви имавме евакуација на 6 лица од село Врбјани каде што во тешки услови го изведовме тоа и да не беше помошта од Локалната самоуправа со механизација, со булдужер значи, заедно со нашето теренско возило едноставно немаше и ние да стигнеме до нив, меѓутоа по целодневна битка успеавме да ги извлечиме луѓето. Понатаму продолживме со достава на храна и лекови во Црвена Вода имаше потреба од храна кај повеќечлено семејство со мали деца каде што имаа потреба од лекови и храна. Вчера исто така болна жена од Слатино ја евакуиравме и ја донесовме до здравствена установа“.
Додоски кажува дека мештаните од Дебрца не се изненадени од невремето бидејќи долги години живееле таму, но најмногу биле револтирани од односот на институциите, сметале дека недоволно и несериозно се пристапува кон расчистување на патиштата и отстранувањето на дефектите на електродистрибутивната мрежа.
{loadposition content9}