Презентиран проектот за изградба на колекторот од Радожда до Калишта
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска беше во работна посета на Општина Струга. Во салата на градскиот Совет министерката и градоначалникот Рамиз Мерко, претсавници на месни заедници и еколошки друштва разговараа за постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје од ранг на Национален парк и за проект за довршување на колекторот на Охридско Езеро од струшка страна.
Во рамки на средбата со министерката Шукова беше презентиран проектот за колекторскиот систем од село Радожда до село Калишта (втора категорија), почнувајќи со давањето на дозволата за градење.
“Предметниот проект се изготвува повеќе од две години и ќе се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, кое истовремено го поддржува со финансиски средства.” -велат од Општина Струга.
Со изградба на ова траса ќе биде комплетиран колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од отпадни води, за струшкиот дел од езерскиот брег, почнувајќи од Радожда до после реката Сатеска, каде завршува територијата на Општина Струга.
На работната средба во општина Струга се разговараше и за иницијативата на локалнотото население за прогласување на планината Јабланица за национален парк. Се потенцираа вредностите на оваа планина што е исклучително важен природен ресурс кој има потреба од највисоко ниво на заштита и зачувување, кој во исто време нуди многу можности за социо-економски развој, како и за обезбедување на потребните предуслови започнување на постапката.