Струшката полиција утринава лишила од слобода малолетник кој се сомничи дека ноќеска украл компјутери, лаптопи и друга техника од новата зграда на Општина Струга, во која пред само неколку дена се преселила општинската администрација.
Освен во зградата на Општината, малолетникот се сомничи дека ограбил и продавница за мобилни телефони во Струга.
Од МВР информираа дека одземените предмети се пронајдени и вратени на сопствениците, а малолетникот е задржан во полициска станица и во присуство на неговите родители со него ќе биде извршен службен разговор.
За настанот ќе биде известен и Центарот за социјални работи од Струга. По целосно документирање на случајот, во консултација со Јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – додаваат оттаму.