Приведени ко-сопствениците на „шанкот убиец“
Ден на жалост во Струга, поради несреќата во која животот го загубија тројца истакнати жители на овој град.
Приведени ко-сопствениците на мистериозниот шанк, на кој во саботата од струен удар животот го загубија тројца еминентни граѓани на Струга. Полициската станица од Струга, поднесе кривична пријава против лицата Ц.В. роден 1980 година, К.М. роден 1979 година и Г.Ј. роден 1981 година, сите од Струга, поради основано сомнение дека се сторители на кривичното дело, тешки дела против општата сигурност, информира портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски. Пријавениот Ц.В. признал дека самиот тој ја поставил електричната инсталација, односно го поврзал електричниот кабел од контролното броило до кобната светилка, каде всушност се случил електричниот спој. Овие три лица синоќа биле приведени и лишени од слобода. Од СВР потенцираат дека шанкот во комплексот „Пливалиште“ работел без никаква документација, односно бил нелегален угостителски објект.
„Шанкот е див угостителски објект, нема легални документи за работа и дека овие три лица се косопственици на објектот, за кој што плаќале кирија“, додаде Димоски.
Димовски кажа дека во интерес на комплетирање на истрагата, допрва треба да се утврди кому овие лица плаќале кирија. За дивиот шанк проговорија и концесионерите на кафе барот „Пливалиште“, кој е дел од истоимениот комплекс. За ТВМ кажуваат дека пред две години ја добиле концесијата за стопанисување со кафе барот, на јавен повик распишан од страна на Пливачкиот и ватерполо клуб „Струга“ од Струга. Тврдат дека со спорниот див шанк, веќе 4 години стопанисувале лицата против кои се покренати кривични постапки, односно две години пред тие да го закупат кафе барот Пливалиште. Негираат било каква поврзаност со спорниот див шанк, кој се наоѓа во непосредна близина на нивниот кафе бар. И претседателот на Пливачкиот и ватерполо клуб „Струга“ од Струга Ѓоко Ќуркоски, во чија сопственост е целиот овој комплекс, се оградува од секаква поврзаност со овој дивопоставен шанк, како и со тројцата ко-сопственици на истиот.
Од фантомскиот див објект раце мијат и од Локалната од Струга. Првиот човек, градоначалникот Рамиз Мерко информира дека од Локалната немаат ингеренции да решаваат за судбината на дивите шанкови, но доколку се потврди дека станува збор за диво поставен шанк, тој ќе биде срушен. Од општинскиот градежен инспекторат, со малку поинаква приказна. Решенија за рушење постојат за сите објекти во комплексот Пливалиште, освен за фамозниот шанк бидејќи уште пред 10 години тогашната подрачна единица на Министерството за Транспорт и врски издала решение за поставување на тој шанк. Со тоа решение, сега за сега рацете на општинските градежни инспектори се врзани. Од Минстерството за транспорт и врски пак, и преку суд се обидуваа да докажат кој е газда на струшките плажи спорејќи се со струшката Локална, па ни тие не чувствуваат одговорност за настанот. Долго време овој фантомски објект успеа да се скрие од очите на надлежните. Во интерес на вистината ТВМ побара обајснување и од началничката на одделението за инспекцискиот надзор од Струга, Надица Николоска, која потврди дека овој објект работи нелегално.
„Николоска кажа дека од одделението за инспекциски надзор на 08.07 е извршен надзор кај споменатитот објект каде инспекторатот затекнал лице што врши дејност кое е идентификувано од страна службеник на МВР. Во тек е постапка согласно законот за ПРАВНИ ДРУШТВА КОЈ ПРЕДВИДУВА БАРАЊЕ ЗА ПРЕКРШОК ДО ОСНОВЕН СУД ПОРАДИ НЕРЕГИСТРИРАНО ЗА ВРШЕЊЕ ДЕЈНОСТ.“
И овој пример покажува дека постојано ни се случува бегање од одговорност и префрлање на топката и помеѓу надлежните институции на локално и централно ниво. А стравот и згрозеноста кај стружани останува. Тие сега уште повеќе се плашат за својата безбедност, бидејќи тврдат,дека ова не е единствен објект во нивниот град, со електрична инсталација во лоша сосотојба. Го посочуваат кејот на Дрим, како место каде се лоцирани неисправни електрични инсталации.
Од Свр – Охрид уште информираа дека со увидот извршен на шанкот и платформата, се потврдува признанието на обвинетиот ЦВ за нестручно и непрописно изведување на електро-инсталацијата на објектот. Поради тоа дошло до електричен спој, кој струјата ја пренел до металната конструкција на платформата и држачите на скалите, што е причина за смртта на трите лица. Ова е потврдено и со обдукцискиот извештај, во кој стои дека смртта настанала од електричен удар.
Потребно ли беше да дојде до оваа трагедија, за надлежните да сватат дека дивите шанкови не се безопасни? Ќе ја разоткрие ли истрагата поврзаноста на синот на поранешна пратеничка од Струга со овој случај и ќе биде ли и тој соодветно санкциониран? Не само тој, туку и сите оние кои несовесно и противзанонски делувале, односно не делувале и овозможиле постоење на ваков нелегален објект? Како и до сега, останува времето да покаже.
{loadposition content9}