Продадено службеното „Ауди А6“ на Рамиз Мерко, Општина Струга инкасираше 22.000 евра

Службеното возило „Ауди А6“, кое со години го користеше поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко, е продадено на јавна аукција за 1.350.000 денари, односно околу 22.000 евра.
Според информациите на телевизијата Алсат, новиот сопственик на автомобилот е лице од битолскиот регион.
Од Општина Струга соопштија дека средствата од продажбата ќе бидат искористени за намалување на јавниот долг на општината.
„За 22.000 евра е намален долгот на Општина Струга. Озлогласеното службено возило, кое беше симбол на прекумерниот луксуз на поранешниот градоначалник, денес беше продадено, со што се намалува јавниот долг на нашата општина“, наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека возниот парк треба да располага со возила кои се неопходни за ефикасно и нормално функционирање на општинската администрација, а ваквиот пристап е насочен кон намалување на трошоците и јавниот долг.







