Skip to main content

Прогласување на Јабланица за национален парк за да се решат проблемите со крадењето на дрва и неправилната сеча

Иницијативата за прогласување на оваа наша планина за национален парк според Македонското еколошко друштво е еден од можните начини на кои овој огромен еко систем може да биде адекватно заштитен. 

 |  Мишел Наумоски  | 
jablanica

Политичарите и надлежните посериозно да ги сфатат проблемите со неправилната, нелегална сеча и криволовството на Јабланица, бараат од Македонското еколошко друштво. Ѓорѓе Иванов, проектен менаџер во оваа невладина организација смета дека сите овие проблеми многу лесно би биле надминати доколку конечно се прифати нивната иницијатива за прогласување на планината Јабланица за национален парк во границите кои тие ги предлагаат.

jablanica„Проектот или самата иницијатива за прогласување на јабланица за НП отприлика веќе трае седум осум години и за сево ова време Македонското еколошко друштво, заедно партиципативно со локалното население, пробува да ја заштити планината и да формира подрачје кое ќе биде водено во партнерство со локалното население понатака. Затоа од наш интерес и интерес на локалното население, заради одржлив развој е оваа иницијатива да ја туркаме паралелно, заедно и на некој начин да имаме партнери од локалната заедница кои ќе ни помогнат да ја презентираме и пред политичарите кои треба да го кажат последниот збор, односно да ја дадат таа одлука за прогласување на Јабланица за национален парк.“-вели Ѓорѓе Иванов од Македонското еколошко друштво.

Иванов вели дека нивната порака за прогласување на Јабланица за национален парк е јасна. Додава дека и кај власта постои свесност за значењето на Јабланица, но смета дека кај нив не постојат капацитети за прогласување на Јабланица за национален парк во границите кои ги предлага Македонското еколошко друштво. Владиниот предлог, според Иванов вклучува ставање под заштита на многу помала површина од Јабланица во рамки на тој нов национален парк.

jablanica za nacionalen park„Мислам дека и на самата централна власт и е јасно дека Јабланица заслужува да биде прогласена за национален парк, затоа што и во стратегијата за биолошка разновидност, во продолженијата на стратегијата кои се национални документи се споменува Јабланица за заштитено подрачје, како идна заложба на самата Влада, но мислам дека во моментот тие не се во можност да најдат капацитети за формирање на јавно претпријатие, нели национален парк и за формирање на тело кое што ќе управува со тој национален парк. Затоа што во Македонија праксата е заштитените подрачја да се самофинансираат со искористување на природните ресурси, нешто што во Европа, во западните држави па и во цел свет веќе се напушта.“-рече тој.

jablanica prirodni ubaviniСпоред Иванов, мора да се премине на нов начин на управување со националните паркови, подомаќинско со развивање на еко-туризам, снабдување со алтернативни приходи или државно финансирање. Инаку, во рамките на повеќегодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк, Иванов потенцира дека во два наврати биле објавувани јавни повици за проекти за заштита на биодиверзитетот на оваа наша планина. Во овој последниот биле реализирани неколку проекти кои се однесуваат на промоција на природните билки, лековите и печурките, вмрежување на локални организации за идентификување на еколошките проблеми во регионот. Овие мали пилот проекти имале за цел подобро запознавање на општата јавност со природните вредности на Јабланица и одржливото искористување на нејзините природни ресурси.