Протест поради исклучена струја
Велештани, денес го блокираан магистралниот пат кон Албанија на излезот од Струга. Тоа настапи поради револт, откако синоќа на дел на мештаните им беше исклучена струјата од страна на екипи на ЕВН,поради неплатени сметки.
Велештани денес го блокираа влезот на Струга. Околу 200 жители на струшкото село Велешта протестираа поради ненајавено исклучување на струја од страна на ЕВН. Напнатата атмосфера започна уште синоќа, кога толпа револтирани граѓани ја нападнаа дирекцијата на ЕВН Струга, при што ги искршиле влезните врати.
Претседателот на Месна заедница Велешта Абдул Кадри Шеј, денес излезе со став дека многу се лути на постапката на ЕВН и начинот на кој ненајавено исклучуваат струја. Додава дека нема неплаќачи на струја и како и за сите и за нив, постои закон.
„Ние три месеци со нив одржуваме состаноци во врска проектот за модернизација на електричната мрежа но укажавме дека тоа е неможно овој период поради доаѓање на печалбарите, престојниот празник и бројните свадби. исклучувањето е намерно, ненајавено, но нема да бидеме мирни се додека не се надмине проблемот, ќе примениме и порадикални мерки ако треба ќе ја запалиме дирекцијата на ЕВн Струга“-истакна Шеј.
Кон расчистување на ситуацијата со цел надминување на проблемот со исклучената струја на дел на мештаните на Велешта се вклучи и првиот човек на Струга, градоначалникот Рамиз Мерко.
„Jас го побарав раководителот на ЕВН Струга и претседателот Хенсел со цел да се надмине проблемот. Но факт е дека сите мора да плаќаат струја“-рече Мерко.
Мерко очекува надминување на состојбата и согласен е дека секоја услуга мора да се плаќа.
До овој момент ставот на ЕВН е дека екипите на ЕВН биле спречени да санираат дефект и да го спроведат инвестициониот проект на тоа напојно место каде што е планирана целосна реконструкција на мрежата и дислоцирање на броилата, со цел да се подобри снабдувањето и да се среди хаосот кој го предизвикуваат несовесните корисници. На тоа место се регистрирани кражби на струја 50-60%. По синоќешното демолирање оневозможено е нормалното работење на вработените во КЕЦ Струга.
{loadposition content9}