Работничките права-најподложни на непочитување
Од најосновните, до најкомплексните права, граѓаните почесто се жалат до невладините организации, отколку до надлежните институции, вели Драгица Попоска од невладината „Езерка“ од Струга.
Светот денес го одбележува меѓународниот ден на човековите права. „Мојот глас одлучува“ е мотото под кое денес се обединуваат државите во светот со цел да покажат дека битката за почитување на човековите права е постојана и никогаш не запира. Со ова се согласува и Драгица Попоска од невладината организација „Езерка“ од Струга.
Но, од она што како искуство го има оваа невладина организација, Попоска вели дека барем на територијата на Струга, граѓаните доколку им било прекршено некое право, помош бараат во невладините организации, а не во институциите. Додава дека невладините не се моќни законски да допринесат, туку само можат правилно да упатуваат. А еве на што најчесто се жалат граѓаните.
„Најповеќе се жалат на трудова експлоатација. Посебно трудова експлоатација во градежниот сектор, непочитување во градежниот сектор на насоките што ги дава Владата за елементарни непогоди, и прекувремена работа која што не е платена. Посебно загрижува текстилниот сектор и угостителскиот сектор.“-вели Драгица Попоска од невладината организација „Езерка“ од Струга.
Она на што оваа невладина организација работи во насока на зачувување на човековите права е подигнување на свеста кај населението.
„Ние претежно сме насочени на превенција, делуваме превентивно и едукативно. Го завршивме проектот „Заедно против дискриминацијата“ финансиран од Британскиот совет. Имавме пропагандни материјали кои ги делевме по ученици, работни луѓе, граѓани, со што делуваме на подигање на јавната свест, ништо да не прикриваат, туку да пријавуваат. Да се осмелат, да пријават. Само така можат да ги остварат своите права, бидејќи никој нема право да врши дискриминација или насилство врз никого.“-рече Попоска.
Инаку, Светскиот ден на човековите права се одбележува по усвојувањето на програмата за Правата на луѓето во 1948 година, со што 10ти декември беше конституиран од страна на Генералното собрание на Обединетите нации како Светски ден на човековите права.
{loadposition content9}