Рамиз Мерко кандидат за нов мандат во Струга
Артан Груби вели дека Мерко ќе си каже кои ќе бидат клучните проекти со кои ќе ја бара довербата од стружани, но најавува дека ќе има зелена агенда. Тој смета дека Мерко со својата работа заслужил да биде кандидат и дека нема улица и булевар во Струга каде не се гради.
Актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко ќе биде кандидат на ДУИ за нов мандат за градоначалник на претстојните локални избори во октомври.
Одлуката ја соопшти првиот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, за време на панел-дискусија организирана од Општина Струга по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
Рамиз е добар градоначалник и за Македонците и за Албанците, и за Турците и за Ромите. На присутните им испратив порака од господинот Ахмети дека господинот Рамиз Мерко ќе биде кандидат за уште еден мандат во Струга на локалните избори за 17 октомври затоа што сме убедени со господинот Мерко ќе победиме и ќе продолжи успешното менаџирање со Струга, затоа што тоа го бараат и граѓаните – изјави Груби.
Тој смета дека Мерко заслужил и вели дека кривична пријава што е поднесена за трошењето на буџетот е доказ дека градоначалникот е нешто виновен. Граѓаните, порачува Груби, на крај се меродавни и тие одлучуваат, а Мерко секогаш кога се кандидирал победувал и испраќал во политичка пензија и лидери на партии кои му биле противкандидати.
Заслужи со гласовите на граѓаните, заслужи со работата, нема булевар, нема улица во Струга каде не се работи. Се инвестира многу и од страна на Владата во соработка со Општината, сите нивни проекти веќе се одобрени од страна на Владата и сметам дека апсолутното мнозинство на стружани ќе го поддржат господинот Рамиз Мерки, не само Албанци туку и Македонци и другите етнички заедници – вели Груби.
Тој рече дека Мерко ќе си каже кои ќе бидат клучните проекти со кои ќе ја бара довербата од стружани, но вели дека ќе има зелена агенда.