Skip to main content

штрајк СОНК

Редовна настава во СОУ„Нико Нестор“ во Струга

Половина од наставниците од СОУ „Нико Нестор“ во Струга не го поддржаа генералниот штрајк. Од Регионалниот одбор на СОНК велат, штрајкуваат поголемиот дел од професорите и наставниците во Струга, Дебар, Вевчани и Центар Жупа.
 |  инфодеск  | 
штрајк во СОУ Нико Нестор Струга

Во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга денеска се одржува редовна настава. Половина од професорите не го поддржаа генералниот штрајк на СОНК. Од 126 професори, штрајкуваат 66, а останатите ги згрижуваат учениците и предаваат во две смени.

„Тие што држат настава ги згрижија учениците. Се држеше настава до четврти, петти час. Од вкупно 126 наставници, штрајкуваат 66. Имаме настава сабајле и попладне, така да, попладне продолжуваме со настава“ – вели Кети Јанкоска директорка на СОУ „Нико Нестор“ Струга.

Од регионалниот одбор на СОНК велат, штрајкуваат поголемиот дел од професорите и наставниците во општините Струга, Дебар, Вевчани и Центар Жупа. Според нив, дел од вработените во образованието имаат неуспешен обид да држат настава.

„Сите се во штрајк. Некој незначителен број на учители или професори не се вклучени, така да наставата не може да се организира од страна на директорите“ – вели Неби Арифи претседател на СОНК Струга – Дебар.

Наставниците велат дека немаат директни притисоци.

„До сега не сме имале никаков притисок, ни од страна на директор, ни од друг, само мора да се почитува времето за штрајк“ – вели Наташа Дабеска претседателка на синдикат во СОУ „Нико Нестор“.

Од Регионалниот СОНК велат подготвени се да истраат во оваа „синдикална битка“ и конечно да ги остварат своите барања.

Новинар Соња Рилковска