РК Охрид утре игра против Металург
РК Охрид и против Металург ќе игра без публикa во салата на СРЦ Билјанини извори. Здравјето на граѓаните е пред се и мора да ги почитуваме препораките на здравствените власти, велат од управата на клубот. Натпреварот е закажан за утре со почеток во 18 часот.
РК Охрид, утре, на домашен терен во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе го пречека составот на Металург. И ова дерби во македонската ракометна суперлига ќе се одигра без публика. За охридските ракометари ова е втор последователен натпревар на кој ќе играат без поддршка од своите навивачи. Откако без гледачи се одигра дербито со Струга имаше негодувања од љубителите на ракометот но од управта на клубот бараат разбирање и посочуваат дека препораките на здравствените власти во насока на спречување на ширење на корона висрусот мора да се почитуваат.
„Здравјето на граѓаните е пред се и мора да ги почитуваме. Не можеме да преземеме толкава одговорност доколку се случи нешто. Им се извинуваме на навивачите , на љубителите на ракометот и навивачката група Рибари. Ќе мора да имаат трпение. Се надеваме ќе се подобри состојбата.“– изјави Горан Лекоски, Генерален секретар на РК Охрид.
Утрешниот натпревар нема резултатско значење и се игра за престиж и подигнување на самодовербата, вели голманот Никола Даниловски кој од Металург се пресели во РК Охрид.
„Иако нема резултатско значење одиме на победа, ќе го дадеме максимумот. Мислам дека ќе биде голем хендикеп што нема да има публика. Видовме и против струга дека многу е тешко да се игра со празни трибини а посебно вака дерби натпревар. “ – вели Даниловски.
Пролеттва ќе има многу натпревари. Интересна битка ќе се води помеѓу екипите во плејофот кои се изедначени освен Еурофарм и Вардар како фаворити. Охридскиот клуб е подготвен да обезбеди место меѓу првите четири во плејофот што ќе му донесе настап во Европа. Очекувајте добра ракомента пролет со добри квалитетни натпревари, кажа Лекоски. Додаде дека Охрид посакува да биде домаќин на 1/4 финалната група и завршниот турнир во Купот на Македонија. Но во овој момент ништо не може да се знае со сигурност до одржувањето на состанокот во Ракометната федерација на Македонија следната недела кога треба да се одржи ждрепка за плејофот и 1/4 финалето во Купот.