Skip to main content

Во сабота ќе се вози хуманитарната вело тура „Сите за нашиот Ангел“ за помош на стружанецот Ангел

Ноќната вело тура има хуманитарен карактер и ќе се вози под мотото „СИТЕ ЗА НАШИОТ АНГЕЛ“ во чест и за помош на нивниот другар Ангел кој неодамна возејќи точак на вело тура во Италија, доживеа пад и се наоѓа на лекување во една италијанска болница.
 |  инфодеск  |  ,

Велосипедскиот клуб „Вело Фаланга“ од Струга, на 19 јули 2025 година (сабота) организира ноќна велосипедска тура околу Охридското езеро. Годинава, ноќната вело тура има хуманитарен карактер и ќе се вози под мотото „СИТЕ ЗА НАШИОТ АНГЕЛ“ односно ќе се вози во чест и за помош на нивниот член, другар и брат по точак Ангел кој, неодамна возејќи точак на вело тура во Италија, доживеа пад и се наоѓа на лекување во една италијанска болница.

Планот за реализација на вело турата е следниот:
Старт 1 плажа “Галеб”Струга 17:30 ч., Старт 2 паркинг пред спортски центар “Билјанини извори” Охрид 18:30ч (на двете стартни позиции ќе има поставено донаторски кутии). Тек на турата: “Залив на коските”, пат за Галичица, граничен премин “Св.Наум” Поградец, каде што ќе има пауза од 1 час, Лин, граничен премин “Ќафасан”, финиш на турата Струга.

Организаторите додаваат дека на сите попатни станици ќе има вода и патна храна за учесниците. Должина на турата е 92км, елевација 900м, а тежина на патеката е 7/10.

Исто така, организаторите порачуваат дека секој учесник треба да биде физички подготвен, да има технички исправен велосипед, резервна гума, светлосна сигнализација за ноќно возење, флуоресцентен елек, патна храна, и вода, исто така со себе да поседува важечка лична карта или пасош. Секој учесник вози на сопствена одговорност и треба да ги следи препораките за безбедност од страна на организаторот а по пат ќе имаме и техничка поддршка од возило.

За безбедно учество во сообраќајот, учесниците на велоноќната тура ќе бидат придружувани од моторциклист полициски службеник од СВР Охрид.