Skip to main content

Македонското еколошко друштво (МЕД)

Се реафирмира иницијативата Јабланица да се прогласи за Национален парк

Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008 година, во земјава има иницијатива  од 2007 година.
 |  инфодеск  | 
Јабланица

Македонското еколошко друштво (МЕД) ја  реафирмира иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Еколозите сметаат дека на тој начин ќе престане  девастацијата на шумите, узурпацијата на земјиштето и  дивоградбите. Соголувањето на шумите и нелегалните градежни активности  се клучните предизвици на планинскиот појас, познат по  ендемичната флора и фауна.

За поголема заштита на природното богатство, еколозите бараат час поскоро да заврши постапката за заштита.

„Систематското уништување на природните ресурси не престанува, за жал. И да укажеме на тоа дека доколку се продолжи со таков начин на однесување кон природата можеби ќе го изгубиме и моментумот планината да биде прогласена за национален парк односно ќе мора да биде во некоја пониска категорија“ – вели Фросина Пандурска Драмиќанин од  Македонското еколошко друштво (МЕД).

Направени се неколку студии за валоризација на  природните вредности на Јабланица, но процесот за прогласување на заштитено подрачје тапка во место.

„Тоа што недостига сега е нова студија за валоризација на природните вредности со социо-економско истражување, а тоа е минимумот документација која што е потребна за процесот малку да се придвижи на институционално ниво“, додава Драмиќанин од  Македонското еколошко друштво (МЕД).

Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008 година, во земјава има иницијатива  од 2007 година. Над 70% од локалното население од македонска страна ја поддржува иницијативата за  прогласувањето на Јабланица за НП.

Новинар Соња Рилковска