Skip to main content

Инфраструктура

Се реконструира старото градско јадро во Струга

Со реконструкцијата на старото градско јадро ќе се подобри патната инфраструктура, водоснабдувањето и достапноста до културно историските локалитети. Јавноста со реакција за бавно и нестручно изведување на градежните работи со кои се нарушува автентичноста на старото градско јадро.
 |  инфодеск  | 
Реконструкција на старо градско јадро во Струга

Се реконструираат старите струшки сокаци. Должината на петте улици што се предмет на санација е скоро 600 метри, со околу 3.600 метри квадратни. Со овој зафат значајно ќе се подобрат условите за одвивање на сообраќајот и за пешачење низ стариот дел на Струга.

Воедно се очекува да се подобри и водоснабдувањето бидејќи, се поставува нова водоводна мрежа, како и достапноста до атрактивните локалитети за домашните и странски посетители.

Еден од тие проекти е и старото јадро на градот каде се прави нов водовод, сите азбестни цефки се отстрануваат, се прави канализација, се прави осветлување се прави целата инфраструктура надземна да оди подземно – вели Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.

Улиците три месеци се раскопани и непристапни. Јавноста реагира за бавно и нестручно изведување на градежните работи со што се нарушува автентичноста на струшките сокаци. Градоначалникот вели ќе биде сочуван амбиенталниот лик.

Ние стариот камен сме го сочувале истиот го средуваме и сличен на него додаваме. Се поплочува со дебел камен од 15 см нагоре со бетонска основа и мрежа што навистина веќе е атракција за градот и туристи – додава Мерко.

Реконструкцијата е дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности”, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а чини околу 18  милиони денари.

Новинар : Соња Рилковска