Села бара поголема безбедносна состојба во Струга
Струшките советници на последната седница усвоија неколку мерки за безбедносната состојба во градот. Градоначалникот Зијадин Села бара судски епилог за последните немили настани поврзани со неколкуте убиства што се случија во градот, како и тоа да се расветли случајот за исчезнувањето на младиот човек за кој до ден денес не се знае кој е убиецот и сеуште никој не е казнет за тоа.
Безбедносната состојба во Струга беше една од точките на дневен ред на последната седница на Советот на општината. Првиот човек на градот Зијадин Села рече дека стружани се чувствуваат несигурни и побара расветлување на неколкуте убиства кои се случија изминатите неколку месеци во Струга. Ова посебно доаѓа после последното убиство на 23- годишното момче кое се случи пред десетина дена во близина на селото Долна Белица.
„Ние имаме и случаи кои не се решени, како што беше случајот со исчезнувањето на еден млад човек, за кој до ден денес не знаеме кој е убиецот и се уште никој не е казнет за тој случај. За ова некој треба пред граѓаните да даде извештај бидејки ризикуваме луѓето кои направиле такви дела пак да се шетаат слободно низ градот и пак да се повторуваат таквите акти“
Советникот Мухамет Истрефи предложи неколку мерки за безбедност, меѓу кои, во полициската станица во Струга да се зголеми бројот на полицајци како и тоа да има повеќе контроли во градот со цел граѓаните да имаат поголема сигурност.
„Апелирам до граѓаните на Струга во овие тешки моменти за градот да не потпаѓаат под разни провокации од криминалните елементи кои не го сакаат доброто на градот Струга и околината“
Командирот на Одделението за внатрешни работи Струга Ваљон Хани безбедносната состојба во Струга ја оценува како добра, и посочи дека криминалитетот во период од 1 јули до 25 декември бил во опаѓање.
„Можеме да кажеме дека имаме задоволувачка состојба во градот Струга, имајки ги во предвид и последните случки во градот“.
Струшките советници во врска со безбедносната состојба во градот донесоа одлука за формирање на Локален совет за безбедност во кој би членувале претседателот на советот на општината, градоначалникот, претседателот на основниот суд во Струга, командирот на полициската станица во Струга и началникот на СВР Охрид.