Села: После 18 ти септември отпочнува рушењето на плажите во Струга
Градоначалникот на Струга Зијадин Села ќе ги враќа во првобитна состојба плажите кои беа издадени под концесија. Договорите на концесионерите им се истечени, истите не се продолжени и судовите не треба да прифатат нивни жалби, категоричен е Села. Кај концсионерите пак, сеуште постои надеж дека тоа нема да се случи.
На 18 ти овој месец, истекува привремената мерка која ја донесе Струшкиот Основен Суд за забрана за уривање на објектите на струшките плажи, по што концесионерите треба целосно да ги отстранат нелегалните барови, шанкови и другите останати градби долж езерското крајбрежје во Струга. Градоначалникот на Струга, Зијадин Села не отстапува од својот став, кој во неколку наврати го има дадено во медиумите, дека по овој датум ќе продолжи постапката за целосно уривање на изградените објекти на плажите.
„Јас тоа што го имам најавено, ќе го спроведам. Тоа е мојот став. Судовите треба да ги прашате како ќе постапат, тоа е нивно, но, сепак, оваа работа не може да оди до бесконечност. Мислам дека судовите нема место да се мешаат во оваа работа, бидејќи судовите треба да се вмешаат кога има управен спор. Од 18 па натаму ние веќе немаме управен спор, бидејќи договорите се прекинати, секој договор кој го имале дотогаш е неважечки и сега судовите не треба да прифатат нивни жалби“– вели Села.
Како што нагласи Села, рушењето на објектите, ќе започне од градот, а ќе заврши во селото Радожда. Тој вели дека нема простор за компромис, бидејќи тој како градоначалник постапува согласно законот.
„Ако законот за легализација им даваше можност да се легализира, јас не сум над законите и да се однесувам дека не може да се легализира. Вакви обиди не знам да се даваат уште 3 години така ги излажале, за жал граѓаните…мислам дека во целата ситуација најодговорна е државата, односно Министерството за транспорт и врски, кои дозволиле нешто такво да се гради против законски бидејќи во Генералниот план нема ставка за времени објекти и плус кога се дадени под концесија немаат дозвола ни за времени објекти, бидејќи дозволата за времени објекти ја дава општината а не МТВ. Мислам дека Владата треба да ги обештети овие концесионери“ – изјави Села.
Концесионерите на струшките плажи се согласуваат дека од правен аспект постапката на градоначалникот за отстранување или рушење на објектите е исправна. И тие, како и градоначалникот Села, дел од вината ја лоцираат кај државата, односно кај министерството за транспорт и врски.
„Доколку државата, односно инспекциските служби реагираа кога ние почнавме да градиме уште првата година и не стопираа во тоа, сигурно немаше да инвестираме толку средства и да се доведеме во ваква незавидна состојба. Сметавме дека никому нема да му пречи тоа што запуштените плажи ги претворивме во мали рајски оази со сите потребни содржини кои можат да присонесат за развој на туризмот и привлекување гости, вели еден од концесионерите.“
Концесионерите пак, својата грешка ја лоцираат во тоа што кога ги потпишувале договорите за концесија не реагирале на, како што велат тие, краткиот временски период од 5 години, којшто им е доделен за стопанисување со плажите.
Како ќе изгледаат поголем дел од струшките плажи наредната туристичка сезона ќе се знае откако општина Струга ќе го распише огласот за нивно издавање под концесија.
Градските плажи пак, според струшкиот градоначалник ќе останат на граѓаните, нема да се издаваат под концесија, за да можат граѓаните и туристите да уживаат во нивната природна убавина.
{loadposition content9}