Со европски пари ќе се уредува струшкото крајбрежје
Струга и оваа сезона ќе има уредени плажи. Закупците ќе работат со постојните договори со општината. Дополнително, со 300 илјади евра европски пари ќе се уредува крајбрежјето во Езерски лозја. Ќе се градат рекреативни патеки, ќе се расчистува и уредува брегот.
Градоначалнкот Мерко вели, преку сеопфатен план за управување, целта е туристички развој и привлекување што повеќе туристи.
„Ќе се уреди патот, паркинзи, патеки, осветлување итн. За нас ќе биде добар стимул во интерес на развојот на туризмот, во интерес на една поголема понуда во туризмот“ – вели Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
Министерот за транспорт и врски ја повика Струга да побара финансиска поддршка за спроведување на препораките на Унеско.
„Истото важи и за општина Струга. Во оној момент кога ќе побара, еве јавно информирам дека може да помогнеме како влада, за да се отстранат сите оние објекти кои не се во согласност со статусот на Унеско“ – вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Додека во Охрид се уриваа дел од објектите на плажите, во Струга беа отстранети само неколку платформи. Струшкиот градоначалник смета дека се пренагласуваат заштитните мерки, а на тој начин не може да се очекуваат позитивни развојни ефекти и инвестиции за развој на туризмот како носечка гранка во регионот.
Новинар Соња Рилковска