Skip to main content

Канал Мислешево

Со секој дожд Мислешево се поплавува

Жителите на струшко Мислешево при секој дожд се соочуваат со поплави. 15 години општината не го исчистила каналот во селото. Мислешевци со години бараат решавање на проблемот, но надлежните не преземаат ништо.
 |  инфодеск  | 
канал неисчистен Мислешево

Жителите на струшко Мислешево постојано трпат штети од поплави. 15 години каналот кој минува низ селото не е исчистен. Потполно е обраснат со трње и отпад, се излева и ги поплавува околните куќи.

Мештаните бараат општината да го исчисти и продлабочи каналот, за да се заштитат од временските неприлики. При секој нов дожд, мислешевци стравуваат од нови штети.

„Вклучуваме мотори, цела ноќ дежураме. Кога ќе заврне сега, некако лудо е, не е како порано. Одеднаш еден облак и за 15 минути каналот се преполнува. Се гледа во каналот има ѓубре, ама има и врби пораснати, 15 години растеле, а не се исчистени“ – вели Богдан Матески жител на Мислешево.

Последните поголеми поплави им се случија во декември минатата година. Жителите пријавиле во општината и во Центарот за управување со кризи, но никој ништо не презел.

„Не можев да излезам од дома. Јас тука живеам, водата ми надојде до скалите. И цоклето кое ми е таму ми е уништено, пред некоја година го направив за заштита, но толку. Каналот треба да се чисти редовно, јас овде живеам и порано секоја година водна заедница го чистеше каналот“ – вели Васко Рембоски жител на село Мислешево

Иако општинската комисија направила записник за големите поплавите во 2015 година, кога во десетици куќи во селото беше потполно уништена целата покуќнина, до ден денес на жителите не им е исплатена отштета.

Новинар Соња Рилковска