Спасовски во Струга заедно со граѓаните во Отворен кабинет
Денеска во Одделението за внатрешни работи во Струга беше реализиран „Отворен кабинет” на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Преку серија посети во кои ќе бидат опфатени сите Сектори за внатрешни работи низ државата, преку непосреден контакт со граѓаните на министерот Спасовски, a во рамки на веќе утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, намерата е да бидат слушнати предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат.
„Преку овој проект сакам лично и непосредно да ги слушнам предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат. Целта е да се слушне мислењето на секој еден граѓанин како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец, бидејќи ние сме тука токму за граѓаните, но и да се запознаам со реализираните активности од почетокот на годината досега, како и со постигнатите резултати. На тој начин, да направиме еден сублимат на сѐ што е постигнато, но и да ги зацртаме целите за следниот период”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите.
Серијата посети во рамки на проектот „Отворен кабинет“ продолжува во Одделението за внатрешни работи Струга во рамките на СВР Охрид, каде утрово министерот Спасовски оствари работна средба со раководството на овој Сектор и Одделение. Притоа тој беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид и ОВР Струга, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги преземаат во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните.
Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Охрид и ОВР Струга е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Охрид во изминатите пет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 22%.
„Во делот на тешките кражби, во текот на 2023 година, бележиме намалување на овој вид пријавени кривични дела за 38%, споредбено со истиот период лани. Класичниот криминал на територија на СВР Охрид во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување 20%. споредбено со истиот период 2022 година. Исто така бележиме намалување и во делот на економскиот криминал каде годинава во споредба со првите пет месеци од минатата имаме намалување за цели 38% на територија на СВР Охрид. Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот каде имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди.“ – информира министерот.
Од страна на СВР Охрид во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 52 настани за превенција. На подрачјето на ОВР Струга во првите пет месеци од 2023 година компаративно со истиот период лани има намалување за 28% на вкупниот број регистрирани кривични дела. Во областа на класичниот криминалитет пак оваа година има намалување за 31% споредбено со минатата година, посочи Спасовски, со уверување дека вработените од СВР Охрид и ОВР Струга и во наредниот период ќе продолжат со зголемена динамика при реализацијата на превентивните активности, но и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамки на проектот „Отворен кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати и силно продолжување на концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“.