Во организација на Спортско-рекреативниот клуб „Соларис” од Струга, на 1-ви август ќе биде организиран Спортскиот фестивал Илинден 2022.
Настанот е во соработка со Клубот за друмски велосипедизам „Фаланга” Струга, клубовите за планински велосипедизам „Рупикапра” и „Караула” од Струга, Планинарско Еколошко друштво „Закамен” Струга, како и со учество на сите други заинтересирани клубови, спортисти, ентузијасти, професионалци и аматери, со поддршка и помош од Црвен крст – Струга и бројни помагатели.
Овој спортско-културен хепенинг под мотото: „По врвиците на борбата за македонска државност” се организира во чест на големиот празник Илинден, како израз на почит и сеќавање на револуционерната борба за државност и самобитност, на сите кои со својата борба и саможртва во двата Илиндена ја создадоа македонската држава.
Преку спортски активности токму на просторите каде се одвиваа едни од најголемите битки, каде се создавани најголемите воени единици, да ги одбележиме двата Илиндена, нивната врска и историски след кој натаму водеше до создавање на независна држава Македонија – вели Коста Хиохи, претседател на Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ Струга.